Снежната кралица - Пониква
Пониква е туристички центар кој се наоѓа на 20км северно од Кочани, во прегратките на Осоговските Планини, на 1580 м.н.в., покриен со густа букова шума и разновидна тревна вегетација. Поради поволната клима Пониква претставува извонредно место за летен и зимски туризам.
На самиот влез на туристичкиот центар Пониква се наоѓа мал спортски аеродром кој некогаш се користел за воени цели. Околу паркинг-просторот, се наоѓаат неколку угостителски објекти во кои може да уживате во вкусни домашни традиционални специјалитети.
Штом пристигнете ќе забележите и два активни ски-лифта, каде што љубителите на скијањето и зимските спортови може да уживаат деноноќно, доколку Пониква ја одберете како зимска дестинација.
Нека не ве изненадат дебелите слоеви на снег, затоа што на планините што просечно се повисоки од 1.500 м снегот се задржува по речиси шест месеци во годината, а честопати повеќе месеци се задржува снежна покривка од барем триесетина сантиметри.
За љубителите на планинарењето, на само 16 километри се наоѓа и планинскиот врв „Царев Врв“, до кој може да се стигне со теренско возило или со искачување.
Пониква се препорачува заради нејзините природни богатства, чистиот амбиент и воздух, како и поволната клима од која позитивно ќе бидат изненадени сите посетители кои сакаат да уживаат во нови, недопрени, планински убавини.
Урбаниот простор опфаќа два ски-лифта, викенд-куќи (единечни и двојни), автокампови, бунгалови, објекти за дневно снабдување, повеќенаменски простори, терени за спорт и рекреација, хотели, одмаралишта, угостителски објетки, сервис и услуги за скијачка опрема. На Пониква, покрај викенд-населбата, неколкуте мотели, има и детско одморалиште со капацитет од 220 легла.
Осоговските планини се познати како здрава воздушна бања, па затоа и Пониква се препорачува на сите оние кои сакаат да ги наполнат градите со свеж воздух и да се одморат од градските гужви барем на неколку дена.
Извор: Crnobelo