Село Мраморец
Мраморец е село кое се наоѓа во Горна Дебарца (Дебрца), сместено на падините на Илинска Планина, на надморска височина од 1038 m. Мраморец граничи со охридските села Сливово, Турје, Арбиново и Слатино, како и со кичевското село Белица. Селото е сместено во клисурата на малата река Турјанка. До него води асфалтен пат и од магистралниот пат Охрид-Скопје, тоа е оддалечено околу 9 km, додека оддалеченоста од Охрид изнесува 46 km.
Мраморец е старо село, со богато историско наследство: така, во неговата близина се наоѓаат остатоци од доцноантичка населба (во месноста Граишта / Кутлиње), доцноантичка топилница (во месноста Рупи), како и средновековна некропола (во месноста Мрамор). Селото за првпат се споменува во турскиот попис на населението во Охридскиот санџак од 1582 год., и тоа под името Мраморче. Во тоа време, селото имало 11 христијански семејства и 3 самци, т.е. вкупно 58 жители. Постојат повеќе (непотврдени) верзии за настанувањето на селото: според една, него го создале избегани жители од месноста Закамен, според друга, тоа настанало од избеганите жители на селото Белче (кое се наоѓало на оддалеченост од неколку километри), а според трета, создадено е од доселеници од прилепско. Веќе во XIX. век, Мраморец било прилично големо и развиено село. Така, според француски извори, во 1873 год., селото имало 50 домаќинства, со 135 машки жители. Австрискиот конзул Крал во 1898 год., во статистичкиот преглед испратен до Виена, наведува дека селото имало 444 жители. Во 1900 год., во Мраморец живееле 500 жители, а слични се и податоците од 1905 год., според кои селото броело 536 жители.
Пред и за време на Илинденското востание, селото дало активен придонес во борбите против турската војска. Така, на 25 мај 1902 год., војводите Ташко Арсов и Никола Петров Русински дејствувале во селото, каде што го убиле селскиот полјак - Шабан од Песочан. Во март 1903 год., во околината на селото (во месноста Опаленик) дејствувале комитски чети, кои учествувале во познатата Издеглавска афера, при што на 17 и 18 март 1903 год., турската војска ги опседнала сите села во Горна Дебарца. За време на оваа афера, 14 жители на селото биле осудени на робија во Дијар Бекир, Мала Азија и од нив само четворица се вратиле назад.
За време на Илинденското востание постоела мраморечка чета под команда на војводата Смиле Војданов, а во околината на селото дејствувале неколку комитски чети, кои на 2 август 1903 год. го нападнале селото Издеглавје. Во текот на август, во околината на Мраморец се воделе големи битки меѓу комитските чети и турската војска, а во знак на одмазда, на 15 септември 1903 год., турската војска го запалила селото. За тоа време, жителите на селото се криеле во шумите околу селото, а на 25 септември 1903 год. била објавена амнестија, по што селаните повторно се вратиле во своите домови. По објавената амнестија, на 28 септември 1903 год., комитите започнале да го собираат оружјето, кое се закопувало во тајни складишта во буките меѓу селата Мраморец и Белица, при што во селото биле собрани 52 пушки. Во април 1905 год., по наредба на Христо Узунов, војводата Ташко Арсов се вратил во Мраморец, каде со помош на селаните го откопале складот со оружјето и муницијата.
Во Втората светска војна, селото бил зафатено од борбените дејствија, при што два пати било запалено до темел од балистите. Исто така, селото дало неколку партизани, а во спомен на 13 селани кои загинале во текот на 1943 и 1944 год., на 2 август 1969 год., во близина на селската црква е подигнат споменик.