Мистеријата на Ратевските Бамбурци

Booking.com

Автор: Милена Илиевска          

Колку и да звучи чудно, нели сме 21-ви век па се помалку луѓе веруваат во зли духови, авети, вампири, традицијата која го спојува паганското со христијанското, сеуште опстојува на овие простори. А, токму таа, традицијата, ја држи Македонија да биде уникатна, посебна, со скриени ќошиња на мистерии и историја, култура и традиција.

            Кога ќе се спомене карневал, веднаш имаме асоцијација на два големи настани: Вевчанскиот карневал и оној во Струмица. Но, за љубопитните трагачи, вредно е да се спомене уште едно место. Можеби е малечко на карта, но, верувајте, има многу интересна приказна која би ви ја раскажало, ако решите да го посетите.

            Ратево е малечко село, дел од Општина Берово. Се наоѓа во среднишниот дел на оваа општина, блиску до Беровското Езеро, кое Ратевчани го „крстиле“ уште и Ратевско Езеро. Ова населено место бележи рани почетоци на населба. Доказ за ова се: ископината Градиште 1, која датира од доцноантичкиот период. Во склоп на оваа ископина има некропола и голема ѕидина – бедем, кој се наоѓа на источната периферија на селото. На 200 метри од бедемот се наѕираат контури на гробови. Наоколу можат да се најдат искршени глинени садови, по некој питос. Но, монетите и другите повеќе вреди нешта ги нема повеќе. Потоа, интересни се и Градиште 2 каде што се наоѓа старохристијанска црква, Грамади – населба од доцноантичкото време, во која се најдени византиски монети, Жизница, Манастир и Могила. Сите овие стари населби сведочат за рано населување на овие простори. И како по некое непишано правило, за љубопитните и оние кои помалку знаат за тој период од нашата историја, редно е да се спомене дека уште во антиката, па и раното средновековие (се додека не се христијанизирало целото население од овој крај) паганските обичаи и елементи заземале голем дел од секојдневниот живот. Обредните песни, обичаи за дожд, добар род, мирно време и бркање на злото се имаат вткаено уште од тоа време.

            Ратево има уникатен карневал кој можеби наликува на Вевчанскиот по својата суштина, но сепак се разликува по формата и начинот на кој се изведува. Терминот „Бамбурци“ најверојатно доаѓа од зборот „Бабари“ кој пак, сигурно води потекло од „русалиите“ или кај ратевчани позанти како „русалије'. Овој карневал постои над 600 години. Навистина, долг период, во кој и покрај сите прилики и неприлики што го имаат снајдено овој народ низ целокупната историја, опстоил во својата уникатна форма. Ратевчани ќе раскажат дека карневалот се појавил како реакција на лошата болест што го зафатила овој крај. Тогашните жители, незнајеќи ја причината за тоа, решиле да го изгонат злото на единствениот начин за кој знаеле: со клопотарци, рогови, ѕвонци, под маски од кожи и со гласно викање и пеење обредни песни.

 

Битката за тронот се случувала и на овие простои

 

            Ова можеби малку ќе ги разочара фановите на култната серија Game of Thrones, но можеби и ќе ги направи горди, затоа што многу порано, уште пред да биде извадено на виделина ова култно сценарио, овде се играла битката за тронот. Битката помеѓу доброто и злото. Ако погледнеме векови наназад, во човечката колективна меморија се проткајува таа нишка за епската борба помеѓу темнината и светлината, добро и злото, огнот и мразот.

            И по 600 години, традицијата си останала со неизменет редослед. Маските се прават од животински кожи, кои се сушат со сол и потоа со нив се маскираат учесниците во процесијата. Силниот звук што го создаваат додатните елементи: ѕвонците и клопотраците, страшниот изглед на самите учесници, сокриени под маските од животински кожи и рогови, укажува на тоа дека процесијата го има за основа земено паганскиот елемент на „палшење на злото“. Самата припрема е обвиена со мистерија. Таа започнува ноќе, кога Бамбурците се собираат во напуштените куќи и почнуваат со припремите. Маските понекогаш знаат да бидат тешки и по 70 килограми. Учесниците во оваа процесија ги обелкуваат на себе тие маски, со железен синџир ги врзуваат ѕвонците и клопотарците на половината, на главата ги ставаат животинските кожи со рогови и така ,со покриени лица „за да не ги препознае злото“ излегуваат со првите петли низ селото, притоа создавајќи силна врева. По патот собираат саѓи од селските фурни за подоцнежното ритуални „црненње“ на селаните. Ова, најверојатно, потекнува од периодот кога се сметало дека со црненење на лицето и телото, болеста и злото ќе избегаат од човекот. Неизбежен елемент е и големиот оган сред село. Тука се случува најфасцинантниот дел од процесијата. Сите бамбурци се собираат околу огнот и почнуваат да играат ритуален танц, еден вид оро околу огнот, притоа правејќи врева со стаповите удирјаќи по земјата. Огнот има прочистувачки елементи во сите религии. Тој со својата светлина и топлина го брка злото. Се верува дека само машките имаат право да учествуваат на овој карневал, а ако им се вметне некој жеснки учесник и биде препознаен, веднаш е остранет од церемонијата при што, лицето на девојчето ќе биде исцрнето со јаглен. Ова е уште еден елемен останат од дамнешните времиња, кога се сметало дека жанските немаат право да учествуваат во војна или во процесија во која треба да се покаже сила и доминација.

            Секоја година, овој карневал привлекува се повеќе и повеќе внимание како од Македонија, така и од странство. Се повеќе маскирани групи доаѓаат во Ратево за да бидат дел од оваа мистична процесија која се одржува на 20 јануари, на денот посветен на Свети Јован Крстител, веднаш по Богојавление – Водици, кога кај христијаните се смета дека се осветуваат сите води. Оваа година, карневалот ќе се одржи по 11-ти пат и на него ќе продефилираат над 500 маски со над 5000 посетители.

            Па, ако сакате да ѕирнете и вие за миг назад во времето, ако сте љубители на старите традиции кои секоја година се обновуваат се повеќе и повеќе, повелете во во ова интересно малешевско село. А за похрабрите, ова е предизвик и самите да земат учество во ова интересно дефиле, да се вклучат во култната битка за тронот и за изгонување на злите духови и лошото од Малешевијата. Впечатоците и желбата за повторна посета секако ќе бидат неизбежни.