Китино Кале - Кичево
Китиното Кале претставува археолошко наоѓалиште во градот Кичево од типот на утврдена населба од бронзеното и железното време, како и од средниот век.
Местото го добило името Китино кале по кнегињата Кита, сестрата на Крале Марко, која живеела во дворецот на Калето. Кичево во ова време го викале и Китинград. Тврдината зафаќа површина од 1,5 хектари и опфаќала ѕидини во должина од 440 метри и имала пет кули. Во близина на бедемите се наоѓала и саат-кула, која била уништена во пожар.
Тврдината (во облик во кој постоела до пред помалку од 150 години) датира од Стариот Рим. Податоци за постоењето на градот Кичево (како Кичавис) добиваме од византискиот цар Василиј II. Во тоа време, градот бил доста добро утврден и претставувал значаен воено-административен и трговски центар на Самоиловото Царство. Се знае дека тука претстојувал и српскиот цар Урош II. Во периодот 1282-1295, за време на војните помеѓу Византија и Србија, српскиот крал Милутин го освоил Кичево и тогаш византиските војски конечно го напуштиле градот. Под српска власт, градот останал до 1385 година, кога го зазеле Османлиите. Китино Кале потоа служи како седиште на турските власти. Подоцна (околу 1850 година), тврдината ја изгубила својата улога и била напуштена, по што на околното население му било дозволено да го користи каменот од тврдината за да гради објекти.
Калето се наоѓа над сегашниот центар на градот, на рид кој се издигнува на околу 20 метри. Остатоците до тврдината се забележуваат, но не доминираат над околината. Пред Втората светска војна, на калето имало споменик на кралот Петар I Караѓорѓевиќ, за време на Втората светска војна имало споменик на Скендербег, додека по војната бил поставен споменик на народниот херој Олга Мицеска, кој бил отстранет во 1960-тите.
На калето постојат остатоци од темели од бедем и кули. Денес, во целост се останати само Алејата на хероите и Спомен-костурницата на учесниците од НОБ, а во подножјето на ридот се наоѓа Музејот на Западна Македонија во НОВ. По површината има фрагменти од керамички садови и градежен материјал. Најдени се и монети од древна Македонија. Монетите датираат од бронзеното или железното време.
Се претпоставува дека тврдината (со градот околу) имале три бедеми и неколку квадратни кули. Надворешниот, го окружувал градот, а двете останати служеле за одбрана. Последното ниво било каде што денес се наоѓа спомен-костурницата. Таму бил и дворецот. Од овие бедеми се откриени двата внатрешни, кои не се проучени, додека третиот не се знае каде точно се наоѓал. Портата на последното ниво и денес малку се познава и се наоѓа на скалите пред паркот, каде сѐ уште стои една од кулите. При градењето на спомен-костурницата, голем дел од тој дел бил уништен. Тогаш, се пронајдени и пари од времето на Александар Македонски и на царот Јустинијан, како и од времето на кралот Волкашин. Останатиот дел е релативно сочуван и се наоѓа под земја. Делот од градот кој се наоѓа под калето е една од најстарите населби, која се вика Подварош, со што се гледа дека некогаш на калето опстојувал град, односно варош. Под тврдините се наоѓале гробиштата на жителите на калето или градот. Некои од откриените гробници се правени на спратови, а месното население тврди дека тоа е така бидејќи слугата бил заедно погребуван со господарот.
Денес, Китиното Кале е целосно обновено и реконструирано, со што е поставено ново осветлување, реконструирана е и патеката до спомен-костурницата, поставени се спортски справи за вежбање, и целосно е обновен паркот. Калето во иднина се очекува да наиде на голема посетеност од Кичевчани, како и од туристи кои имаат желба да се запознаат со историјата на градот.