Манастир Пречиста - Кичево

Booking.com

Славеничкиот ден на манастирот е „Мала Богородица“, (роденденот на Дева Марија на 21 септември). На овој ден, традиционално во манастирот секоја година се организира прослава и литургија. Во минатото овој манастир бил нарекуван и Крнински Манастир.

Манастирот се наоѓа на планината Цоцан, во атарот на село Другово, на 920 метри надморска височина. До него се стигнува кога излегувате од Кичево и одите по магистралниот пат кон Битола, на 5 километри јужно од градот.

За настанувањето на манастирот е врзана доста интересна легенда која во иста содржина се среќава за уште еден близок манастир. Се вели дека самиот Бог, го одредил местото за ѕидање на новиот манастирски комплекс. Според легендата на местото на кое жителите од околните места одлучиле да градат манастир, оставале икона да преноќи. Но, утрото кога дошле да започнат со работа, иконата ја немало. Ја барале долго време, се додека не ја нашле крај еден извор. Потоа повторно ја вратиле на старото место. Но утредента се случило повторно исто. Иконата во голем пламен виор прелетувала од разрушените зидини на Кнежинскиот манастир, означуваќи го местото каде треба да се гради новата црква.

Народот поверувал на тоа, прифаќаjќи дека тоа е пророштво кое мора да се исполни, па ја изградил најголемата и најбавата црква во тоа време, чиј радиус на сводот е најголем изграден на Балканот. Затоа манастирот е изграден токму над изворот. И ден денес тој извор постои во манастирската црква, како и самата света сребрена икона посветена на Богородица која се чува во еден мал олтар.

Во близината на светата чешма, која и денес ја посетуваат оние кои веруваат во исцелителната моќ на нејзините води, во 1316 - та година е изграден манастир посветен на Пресвета Богородица. Но, иако чешмата и денес постои и ја гаси духовната жед на намерниците, манастирот во 1558- та година е запален до темел од Османлиите (Сарацените), во времето кога во Кичевско се уништени голем број цркви и манастири. Монасите успеале да се спасат преку подземните тунели на манастирот.

Во 1564 е подигната друга црква што исто така изгорела во 1843 година. Сегашната црква датира од 1850 година. На новиот величествен храм работеле мијачките мајстори од тајфата на Дичо Зограф, кои направиле чудо во златните икони и резбаниот владички стол. Фрескоживописот го одзема здивот со својата убавина. Еден негов дел не е фрескоживописан и служи за некрстените христијански верници, а во него им е дозволено да се молат и муслимани.

Манастирот е препознатилив токму по тоа што е посветен на сите верници, без разлика дали се или не се православни. Внатрешноста на црквата е така направена, бидејќи цело време се барало начин да се собере сиот народ под еден, без разлика на верата, а токму оваа црква успеала во тоа, бидејќи Бог знае на сите да ги прости гревовите и е еднаков и праведен кон сите.

Во манастирскиот комплекс, се наоѓа малата манастирска црква посветена на Свети Отец Никола, која се наоѓа на јужните зидови од црквата „Света Богородица - Пречиста“. Иако се наоѓа во истиот комплекс, таа останува непозната за многумина посетители, зашто величината на црквата посветена на Света Богородица во целост ја засенува.