Манастир Св.Петар и Павле - Смилево

Booking.com

Манастирскиот комплекс Свети Апостоли Петар и Павле, се наоѓа на само десетина километри оддалеченост од селото Смилево, Демир Хисар. Манастирот е сместен во смилевската корија, и е опкружен во стогодишен шумски предел. Манастирот е изграден пред повеќе од 150 години а со тоа се вбројува помеѓу попознатите културолошки споменици. Меѓутоа заради отсуството и негрижата, старата манастирска црква подолго време била препуштена на забот на времето и од неа останале само руини.

Според податоците, името на овој манастир се среќава како „Свети Петар“, но поради главната икона на која се насликани и двајцата светци, манастирот го носи името „Свети Петар и Павле“.

Според сеќавањата на постарите смилевци, во манастирот, целиот свој живот го поминал Егуменот Петре чија што предсмртна желба била, на ова место да се изгради нова манастирска црква. Со Божја помош, уште во 80-те години од минатиот век, во манастирскиот комплекс, вредните смилевски неимари ја започнаа изградбата на конаците, како и возобновувањето на манастирската црква, со што е исполнета исконската желба на смилевци, но и аманетот на егуменот Петар.

Манастирот “Свети Петар и Павле” е составен дел од историското минато на Смилево, но и составен и неразделен дел од смилевското катадневие и роднокрајните смилевци кои останале во селото, но и на оние кои поради разни причини го напуштиле и се преселиле во градовите или во други земји.

Манастирот е осветен во 2018-та година.