Рајчички манастир

Booking.com

Манастриската црква „Св.Ѓорѓија - Победоносец“ со манастирските конаци, се изградени во 1835 година, во времето кога игумен на Бигорскиот манастир е архимандритот Арсениј, кој има огромни заслуги што на овие простори биле изградени многу извонредни црковни објекти кои со нивната архитектура ден денес пленат и се ненадминати. И не само тоа игуменот Арсениј, бил двигател и непресушен извор во негување и ширење на православната вера, на христијанството, на црковните традиционални обичаи во Мијачијата, во Долна и Горна Река и пошироко. 

Според манстирските книги во Бигорскиот манастир, фрескоживописот во црквата Св. Ѓорѓија Победоносец, бил изведен во периодот од 1840 до 1852 година. Куполите и горниот дел на ѕидовие биле зографисани од прочуените мијачки зографи Михаил и монахот Данаил, кои исто така и ги насликале иконите во Бигорскиот манастир. Долниот дел го досликал нивниот ученик Дичо Зогаф од мијачкото село Тресонче.


Од 1945 година, во манастирот немало монаштво, и на тоа место биле сместени штали и коњушници. Со обновувањето на монашкото братство во Бигорскиот манастир во 1995 година, архимандритот Партениј превзема активности за обновување на напуштените и уништени конаци во Рајчица. На 27 септември 1999 година на Крстовден, осветени се темелите на новите манастирски конаци. Манастирските конаци се завршени за нецели две години, и уреден е целиот манастирски комплекс и заграден со ограда соѕидана со камен. На големиот празник Духови во 2001 година, осветени се манстирските конаци.

Манастирот е познат и надалеку слушнат по тоа што во црквата „Св. Ѓорѓи Победоносец" се наоѓа единствената чудотворна копија на неговата икона од Света Гора. Поврзана е со едно чудо што се случило. Тројца браќа од Охрид го граделе манастрот и не знаеле кому да го посветат. Решиле да размислат, и кога ќе се договорат да стават икона на местото каде што требало да стои патронот. Меѓутоа, Бог, по своја промисла, направил иконата сама да си дојде на тоа место. Така иконата исчезнала од Лида, родното место на св. Ѓорѓи и се појавила на новото место во „Зограф" манастирот на Света Гора. Браќата кога ја виделе иконата, сфатиле дека, по Божја промисла, манастирот треба да му биде посветен на св. Ѓорѓи Победоносец. Но во Леринско имало владика кој не верувал во тоа чудо и дошол сам да се увери. Застанал пред иконата, почнал со големо непочитување да се однесува со неа и невнимателно ја допрел. Како ја допрел, така прстот му се залепил за неа. Не можеле да му го тргнат, не помогнале ниту молитвите на браќата, и морале да го отсечат прстот. По извесно време му се појавил св. Ѓорѓи и му рекол: „Затоа што не веруваше, нека остане трага од твоето неверие на иконата моја". На оригиналот се уште има парче од кожата. А овде ја има единствената копија која е подарок од отец Пајсиј, некогашниот игумен на „Св. Прохор Пчињски". 

Исто така манастирот е познат и по тоа што во црквата има икона која содржи честица од Чесниот Крст на кој бил распнат Исус Христос. Честичката е стара околу 2.000 години и има животворна моќ. За тоа зборува и самиот начин на кој бил најден крстот. Кога царица Елена тргнала во светата земја да го бара крстот, по Божја промисла ги нашла сите три крста. На двајцата разбојници и на Исус Христос. Не знаејќи кој е крстот на Исус Христос, положиле мртовец на сите три крста. Кога го положиле на крстот на Исус, мртовецот воскреснал. Крстот потоа бил издигнат пред народот и тој празник се нарекува Возвишение на Животворен Крст. На тој ден црквата е осветена. Самиот Господ така сакал, да го одбере тој ден за да бидат преосветени темелите за новиот манастир. По Божја промисла, тој ден е земен за мала слава на манастирот. Со тоа манастирот има две слави, едната е Ѓурѓовден, додека пак другата е Крстовден.

Овој манастир станал и место каде што се чуваат моштите на св. Ѓорѓи, и навистина само Божјата промисла можела да направи да дојдат моштите овде на чуден начин. Подарок се од еден игумен на манастир во Грција, ефимениј на една црква, поранешен монах на Света Гора. Тој се викал Епифаниј и извесно време поминал на Света Гора. Живеел со неколку монаси и сите имале делче од моштите на св. Ѓорѓи. Мислејќи дека тој ќе биде Ѓорѓи, му дале и нему мошти. Но, излегло да се вика Епифаниј. Тој ги задржал моштите и му ги дал на отец Партениј. Кога му ги давал, му рекол: „Ете зошто сум ги чувал моштите, за да Ви ги дадам Вам". Кога ги добил отецот моштите не мирисале, но со самото доаѓање во манастирот почнале да мирточат и со тоа да шират пријатна миризба. Делчето е вградено во позлатено сребро во вид на рака. Раката, по барање на отецот, е направена во Солун. На самата рака е направен отвор за да се гледа делчето и да се целива.