Марков Манастир

Booking.com

На 20-тина км јужно од Скопје, во непосредна близина на с. Маркова Сушица, сместен во живописен пејсаж, со векови опстојува Марковиот манастир со црква посветена на св. вмч. Димитриј. Храмот е изграден во средината на XIV век, од страна македонскиот средновековен владетел Крале Марко, кој е ктитор на манстирот кој го носи неговото име.

Манастирскиот комплекс, покрај црквата, го чинат обновениот стар конак, новите конаци, трпезаријата на која се видливи остатоци од старите фрески, камбанаријата, бунарот со студена вода, помошните згради со магацински простории, фурна, ракијџилница, како и старата воденица подолу во манастирскиот двор, што денес служи само како споменик на старите времиња кога брашното се правело единствено на тој начин.

Овој манастир ја избегнал судбината на многуте други македонски манастири што настрадале за време на Отоманската империја и се одржал речиси без некакви позначајни оштетувања. Интересно е што во XIX век во овој манастир игуменувал истакнатиот македонски просветител и игумен Кирил Пејчиновиќ.

Во натписот над јужниот влез во наосот стои забележана годината кога црквата била обновена од страна на кралот Волкашин и неговиот син Марко, во периодот од 1366-1371 година.

Црквата Свети Димитрија во основата претставува впишан крст во правоаголно пространство, во чиј средишен дел, на четири камени столба, се потпира високо издигната сводна купола. Црквата е изѕидана од камен и тули со кои се изведени убави шари, особено впечатливи во просторот на олтарната апсида и надворешните ниши.

Во триесеттите години на XIX век, за време на владеењето на скопскиот Хавзи-паша, е доѕидан отворениот трем што води кон западната страна на оваа црква. Внатрешниот дел на црквата е целосно живописан, а фреските од овој живопис се распоредени во три хоризонтални зони. Во нив се прикажани портрети и сцени од традиционалната иконографија. Илустрирани се светители во цел раст, потоа сцени од животот на св. Богородица, Христовите страдања и чуда, дванаесетте големи празници, како и сцени од животот на свети Никола. Во анализата на фреските се забележани извесни разлики во сликарската техника. Според тоа, во изведувањето на живописот во црквата земале учество повеќе зографи. Заедничко обележје на сите овие мајстори е тенденцијата за наративно и реалистично прикажување на сцените со извесен степен на драматичност. Најкарактеристична е композицијата, во која е прикажана тешката човечка драма преку колежот на децата во Витлеем, предадена во “Оплакувањето на Рахела”, потоа ктиторската композиција во која се предадени, во оригинална величина и кралска облека, портретите на кралот Волкашин и Марко Крале што се наоѓаат на обете страни над влезната врата.

Од големо значење е црковниот иконостас, изработен од камени столбови со орнаментирани капители и сочуван во својот првобитен изглед.

Моментално, манасирот претставува женски манастир, со што се одржува активен монашки живот.