Манастир "Света Богородица Захумска - Заум"

Booking.com

„Св. Богородица Захумска“ или само Заум — средновековна црква која се наоѓа веднаш на самиот источниот брег од Охридското Езеро, во непосредна близина на селото Трпејца.

Местоположба

Црквата Света Богородица Захумска која меѓу местното население и пошироката јавност е позната само како Заум се наоѓа веднаш крај самиот источен брег на потегот помеѓу селата Трпејца и Љубаништа. Се наоѓа на оддалеченост од 20 км од Охрид, на брегот на езерото, во подножјето на планината Галичица и во непосредната близина на рибарското село Трпејца. Сместена е во многу тешко пристапно место под карпестиот гребен на Галичица наречен Голем Осој (висок 1005 м.н.в.) веднаш непосредно на самиот брег до водите на Охридското Езеро на надморска височина од 695 метри. Веднаш над самата црква од исток се издигнуваат стрмни карпи, додека пред црквата во непосредна близина на запад се наоѓа и местото со најдлабоката точка на Охридското Езеро. До црквата се стигнува само по воден пат со чамец. Во поново време за потребите на изградбата на манастирскиот конак е пробиена и пешачка патека долга околу 30ина минути која се искачува по гребенот и одејќи низ шумата се спушта до самото езеро, при што последните стотина метри мора да се пешачи во езерските води. Поради близината, црквата спаѓа во атарот на селото Трпејца, чии жители водат грижа за неа, а моментално и работат на изградба на конакот крај самиот храм.

Градба и живопис

Поглед на црквата и Охридското Езеро од карпите виснати на југоисток над храмот
Според изгледот на својата градба и начинот на фрескоживописот црквата Света Богородица Захумска е единствена и доста се разликува од сите останати средновековни црковни храмови во Македонија и пошироко. Манастирската црква Света Богородица - Заум претставува убаво остварување во архитектурата со педантно изведена декорација, елегантни пропорции и нагласена височина. Во живописот се среќаваме со уметник што има префинет вкус за чисти и топли тонови, за една жива колористичка палета.

Градба

Црквата е изградена е под еден рид кој вертикално се спушта до езерскиот брег, на место коешто е речиси недостапно од копното. Според зачуваниот натпис кој се наоѓа над влезната врата, црквата е подигната во 1299 година, а е насликана со фрескоживопис во 1361 година од ќесарот Гргур за време на деволскиот епископ Григориј. Според историските податоци целосната изградба и живописување на црквата била плод на заедничките залагања, при што ктитор на црквата, односно на нејзината архитектура бил кесарот Гргур, а на сликарството деволскиот епископ Григориј, кој спаѓал меѓу највлијателните големодостојници на Охридската архиепископија кон средината на XIV век.Од истиот натпис се дознава дека во истото тоа време црквата е и живописана. Нај новите исражувања покажуваат дека потекнува од XIII век, односно од 1299 година. Крај самата црква има осамени археолошки наоди од старохристијанско време и средновековна населба, од коишто е земан материјал користен при изградбата што сѐ уште стои во градбата на црквата, посебно вградена во делови од архитектонската декоративна пластика. Црквата е градена во форма на впишан крст, со купола, што се наоѓа на централниот дел, која што од внатре има осмостран тамбур. Обликот на црквата во впишан крст е мошне специфичен, со кубе кое се потпира врз четири столба кои во горниот дел завршуваат со различни капители, слично како и охридските цркви Света Богородица Перивлепта и Свети Јован - Канео. Два капители украсени со акантусови лисја кои се поставени на олтарните столбови и два-импост капители од бел мермер на западните столбови се вградени од постарите пројанени археолошки остатоци, при што и во 1960 година во дворот на црквата случајно бил откопан импост-капител од бел мермер. Црквата Св. Богородица во Заум е ѕидана од бигор, камен и тула. Во почетокот, црквата имала и припрата, која била засводена со полукружни сводови, но тремот од западната (езерската) страна е урнат. Над самата влезна врата, како и од нејзините страни и денес има видливи остатоци од живопис со кој некогаш била насликана припратата. Заум има нагласена вертикала што на црквата и дава мошне елегантен изглед. Токму вертикалата и виткоста се основните белези на архитектурата на овој споменик. Живописноста на фасадата е постигната со примената на орнаменти во најразлични комбинации (шаховски полиња-дијагонално поставени меандри, крстови и запци), сите изведени во тула. Тристраната апсида е расчленета со слепи арки. Со ваквите решенија, оваа црква се издвојува од другите споменици на своето време во охридското подрачје. При копањето на дупки за садење овошни дрвја, во северниот крај на дворот биле откриени остатоци од куќи - земјанки, речиси со кружна форма во основата. Имајќи предвид дека ваквите градби се нарекуваат хумки, можно е овие наоди да имаат некаква поврзаност со името Захумска.

Живопис

Црквата на манастирот Заум е украсен со фрески, дела на непознати зографи. Кога станува збор за живописот, стручњаците сметаат дека тој е дело на зограф што се издвојува од неговите современици, што работеле во Охрид. Според неговите карактеристики, не е исклучена можноста своите познавања да ги стекнал во познатиот уметнички центар во Солун. Ова сликарство има исклучително значење за изучувањето на уметничкото создавање од втората половина на XIV век. Живописот е поприлично оштетен, особено во сводовите и куполата. Во првата зона сочувани се светители во цел раст:Свети Климент Охридски, Свети Наум Охридски, Исус Христос, Пресвета Богородица и др. Највпечатлива е фреската, на која е претставена Света Ана - Млекопитателница како ја дои Пресвета Богородица, нагласувајќи еден реалистичен момент - искажување на мајчинска љубов. Во втората зона се сцени од циклусот на Света Богородица, а во другите зони се наративно прикажани сцените за Христос. Додека фигурите во првата зона се предадени во натприродна големина, во другите композиции зографот се држи до извесни пропорции на големините, искажува смисла за природно искажување и се ползува со жива и светла колористичка гама- особено со виолетови, портокалови и светло сини тонови. Почнувајќи од 2012 па сѐ до денес постојано се изведуваат конзерваторски и реставраторски работи за зачувување и обнова на живописот на црквата.

Легенда и предание за манастирот Заум

За настанокот и изградбата, а воедно и како толкување на името на манастирот Заум, меѓу народот постои легенда која е широко распространета како предание, кое според Марко Цепенков го знаеле сите охриѓани, а која подоцна исто така ја запишал и современиот собирач на македонски народни легенди Апостол Поп-Јовановски. Според легендата, многу луѓе се обидувале да ja измерат длабочината на Охридското Езеро, но никој не успевал да стигне до дното. Некоја жена, која била царица, три години предела конец и заминала со чамец на сред езерото за да ја измери неговата длабочина. Но, наеднаш мирното и тивко езеро како да сакало да ја одврати во намерата, та се разбеснило и разбранило со бранови високи како планини кои се заканувале да го превртат и потопат чамецот на царицата и нејзината придружба. Царицата се уплашила и паднала на коленици да се моли на Бога да ја избави од разулавеното езеро, ветувајќи дека ќе изгради манастир на местото на кое што ќе ја избави од езерото. Штом го дала тоа ветување, брановите започнале да се намалуваат и езерото да се смирува, со што жената довеслала до брегот, каде рекла „Е уште еднаш ЗА УМ нека ми биде ова, што ми требаше да го мерам езерото“ и дала заповед на тоа место да се направи еден манастир кој го нарекла Заум, поради големиот страв што го преживеала така да го гледа и да памети оти ќе се удавела. Преданието вели, дека манастирот стои на брегот под стрмните карпи кај најдлабокиот дел од езерото „за ум“ на секој човек што ќе оди таму да се чува и да не влегува во него.

Посетеност

Иако пристапот до манастирот е само преку езерото, поради извонредната убавина на местото, сепак тој е доста посетен, особено во летниот период.

Верски празници

Во поново време обновена е традицијата да се богослужи во овој манастир на 4 јули, веднаш после празникот на Св. Наум, и на 21 септември на празникот на Рождеството на Пресвета Богородица кога е доста посетен од страна на жителите на селата Пештани и Трпејца како и од жители на градот Охрид. Во црквата секоја година на 4 јули, ден по летниот празник на Свети Наум Охридски - Чудотворец, покрај богослужбата се одржува народен собор и прослава со кум од селото Трпејца при што се дели посен ручек.

Туризам

Поради извонредната природна убавина на самото место, тоа е често посетувано од туристи особено кампери со шатори. Извонредната бистрина и убавина на самото место и водите на езерото чија најдлабока точка се наоѓа во близината, е привечна за многу туристи кои со чамци и кајчиња го посетуваат манастирот Заум. Вообичаено, помладите жители на Охрид со шатори го посетуваат Заум за време на 1 мај, а кампуваат и по неколку денови во текот на летниот период. Од октомври 2014 се одвиваат градежни работи за изградба и возобновување на конак, чии рушевини и остатоци од темели постоеа крај црквата, а кој ќе биде наменет за женско монаштво, но кој веројатно ќе нуди и можност за преноќување.