Манастирско тихување

Booking.com

Автор: Милена Илиевска

Кога ќе се спомене Струмица како еден до поголемите градови во македонија, сите имаме различни асоцијации: струмичкиот карневал, убавиот струмички ноќен живот, големиот плоштад со импресивниот споменик на револуционерот Гоце Делчев...но, Струмица има уште многу катчиња , кои се кријат во секој дел од градот. Најпрвин, овој град се викал Астраион, и записите за негово постоење се од 181 п.н.е. Тит Ливиј, историчар од тоа време, пишува дека градот го добил името по пајонското племе Астраи. Подоцна, кога Македонија станува римска провинција, градот го добива името Тивериопол.

За ова има постамент, посветен на патронот на овој град, Тибериј Клавдиј Менон, кој датира од крајот 2 и почетокот на 3 век од нашата ера. Токму во тој период на гоненње на христијаните , се споменува и погубувањето на Светите петнаесет Тивериополски Великомаченици. Манастирот кој е посветен на нив, се наоѓа во горниот дел на градот. Навистина, малку е потежок за наоѓање, но љубезните струмичани, кога и да ги прашате, ќе ве упатат во точната насока накај ,, Петнајсте маченици ,,.

Од плоштадот, нагоре, низ сокачињата и уличките, покрај убаво уредените дворчиња на луѓето кои живеат таму, се наоѓа ова преубаво здание. Од самиот влез на манастирскта врата, ве обзема чувство на мир. Од десната страна , во самиот двор, веднаш по влезот, се наоѓа едно дрво, кое, според преданието изникнало на местото каде биле погубени овие 15 маченици. Веднаш до него постои конзервирана стара црква, поточно базилика, која датира од повеќе периоди, бидејќи е градена низ вековите.

Првиот дел од базиликата датира од 5, или поточно раниот 6 век, а подоцна над оваа црква е доградена црква која потекнува од 9-10 век. Во централниот дел на оваа крстовидна црква е сместен голем фрескоживопис, некаде се споменува дека е најстар пронајден од тков вид во Македонија, од 15 маченици. Главната црква, која денеска е манастир со преубави конаци и убаво уреден двор, е од 1972 година, а завршена е во 1973 година. Во 2012 година иконите се обновени со злато.

Во конаците можат да се сместат 50 луѓе. Дворот е уреден многу убаво, а има и колекција од пауни, желки ( кои претставуваат вистинска атракција за посетителите на манастирот ). Овде има постојан литургиски живот. На 12 март, 2017 година , во овој манастир беше донесена копија на Чудотворната икона на Пресвета Богородица, наречена Скоропослушница. Со торжествена литија низ градот, иконата е донесена токму во овој манастир. И од тој ден, па се до ден денес, реки од народ, од скоро сите вероисповести во Македонија, па од Балканот , доаѓаат на поклонение пред ова чудтворна икона, за да најдат духовен мир и да се помолат за себе и своите ближни.

Во овој манастир, веќе осум години по ред се одржува и фестивалот на Источно црковно пеење. На него настапуваат реномирани хорови од Македонија. Вистинска убавина за душата е мигот кога во црквата пеат хорови, а вие сте пристуни внатре или надвор, во дворот на манастирот. Тогаш е доволно човек само да ги пушти сетилата да ја впијат сета убавина што Бог ја подарил, а се наоѓа наоколу. Раритетно место, кое вреди да се посети.