Успение на Пресвета Богородица - Берово
Во крајниот исток на Македонија, во пределите на Малешевските планини се наоѓа машкиот манастир „Успение на Пресвета Богородица“. Сместен е на излезот од градот Берово кон беровското вештачко езеро, на левиот брег на реката Брегалница. Од асфалтниот пат, една поширока пешачка патека, преку мостот на реката, за 2-3 минути го води секој посетител до манастриските порти.
Историјата на местото е сеуште доста неоткриена. Постојат само легенди, но не и пишувани споменици. Она што се знае е дека наоколу порано се наоѓал дел од старо Берово и по откриените гробови се претпоставува дека местото отсекогаш било светиња. Па и денес тоа е омиленото молитвено место за локалното население. Луѓето ја помнат старата базикална црква, но никој не знае кога била изградена. Таа била посветена на празникот Балаклија, односно на Чудотворниот Богородичен извор и според преданието токму присуството на многубројните извори во манастирот и околината се причината за тоа. На нејзиното место, во 1971 година, е изградена новата црква, сега во пораскошна византиска архитектура. На иконостасот таа ги има иконите од старата црква, дело на зографот Гаврил Атанасов од Берово. Веќе од поодамна најголемиот црковен празник за Беровчани е празникот Успение кој се празнува токму тука така што сега манастирот е посветен на тој празник. Конаците потекнуваат од крајот на турскиот период, но отпрвин биле само помошна зграда. За живеење се реконстриурани со изградбата на новата црква. Денес се прекрасен паметник на градителскиот стил од беровско.
Како манастир, местото заживува од мај 2002 година, кога неговото Високопреосвештенство Митрополит Струмички г. Наум, од Струмица испрати тричлено братство со што за прв пат во историјата на Берово заживеа машкото монаштво. Како и во другите манастири во Струмичката Епархија, Владиката Наум и овде го има организирано монашкиот живот според светогорската традиција. Всушност манастирот е мал и исихастирион, свештено тихувалиште. Исусовата молитва е главното занимање на монасите и сето друго што претставува дел од нивниот секојдневен живот е поставено така што го овозможува и поткрепува течењето на молитвата. Литургија се служи секој ден во манастирската цркав, а и претходи неколкучасовна Исусова молитва во ќелиите. Службите се отворени за секој кој сака да присуствува. Иако самиот манастир е посебно место за сите беровчани и е редовно посетуван преку цела година, сепак многумина сега го имаат и како свој духовен центар. Така, во неделите и празниците луѓето доаѓаат да се исповедаат и причестат а потоа и да поминат час или два во посета на братството. Тука тие наоѓаат совети и утеха во секојдневните напори правилно да го устројат својот христијански живот.
Возглавено од игуменот о. Фотиј, братството има неколку дејности од кои ја гради својата економија. Главните дејности се изработка на мирислив темјан, сапун од маслиново масло како и боров катран, манастирски локум, мека манастиркса алва, различни мелеми и балсами, ладно цедени масла, тинктури од лековити билки кои се собираат во близина на манаститрот, етерични масла. Покрај ова застапена е изработката на бројаници, крстови и разни други ракотворби.
Денес манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ е еден од сведоците на возобновувањето на монаштвото во Македонија а со тоа и за покајанието на православниот народ во неа. Со самото свое постоење во пределите на Малешевијата, тој е од посебно значење за луѓето од тој крај во нивното тежнеење за обновување на вистинските вредности на својата православна христијанска вера.