Колешински водопади
Селото Колешино е сместено во подножјето на планината Беласица, и е мало македонско село кое се наоѓа на 20 км од Струмица, познато по колешинскиот бостан, кикириките и земјоделските производи кои успешно виреат во овој крај. Селото е единствено место во Македонија (па и на Балканот) каде ќе најдете специфичен вид на папрат т.н кралски папрат(осмунда регалис), кој расте до 2 метри височина и зафаќа површина дури до 500 метри квадратни, а се користи во текстилната индустрија. Сепак најубав и најавтентичен украс за селото се прекрасните сплавови кои ги создава реката Баба, спуштајќи се од највисоките планински врвови. Еден од нив секако е и Колешинскиот водопад.
Колешинскиот водопад се наоѓа во пазувите на планина Беласица, во долниот тек на реката Баба, меѓу јаворова шума и камени гребени, на надморска височина од 610 метри.
Со максимална височина од 19 метри и со широчина на падот од 6 метри, се вбројува меѓу највисоките водопади во Македонија. По настанувањето, Колешински водопад е тектонски водопад, настанат меѓу гранитни камења. Над Колешинскиот водопад, на оддалеченост од околу 100 метри, се наоѓаат уште неколку помали водопади распоредени во низа, високи од 2-4 метри, кои припаѓаат на неговиот централен слив.
Откако ќе го поминете центарот на село Колешино, движејќи се по планински пат од околу 1 км, се стигнува до интересна патека обвиткана од околната шума, а е испреплетена со мал поток. Патеката оди паралелно со потокот и веднаш потоа се пресекуваат со друг мал, дрвен мост. Ако за момент застанете кај малиот мост, во кристално чистата вода ќе ги видите речните ракови, кои пливаат под површината. Како посетител ќе почувствувате како се губите во уметноста на природата и ќе заборавите на вашата дестинација.
Движејќи се по оваа патека ќе стигнете до Колешински водопад или подобро речено водопади. Пристапот до водопадот, по тесна и означена патека (на повеќе места лизгава), оградена со дрвен мост, по скали ѕидани од камен, е доста отежнат, особено ако не сте физички спремни и опремени. Додека шетате вашиот единствен придружник ќе биде свежиот планински воздух, кој ќе ве освежи и опушти.
На целта ќе ја слушнете бучната свежина. Тоа е звукот на водата на Колешински водопад , кој никого не остава рамнодушен. Со чиста, кристална и студена вода од реката Баба, Колешинскиот водопад полека тече, во прекрасен и ритмичен „балет“ од многубројни водени потоци. По кратката 19-метарска „игра“ на водопадот, овие многубројни потоци се обединуваат во една целина, и тој продолжува да тече надолу по планината.
Како посетител, за потполно гледање и уживање во овој водопад, ќе ви помогне мостот поставен директно пред водопадот или пак некоја дрвена клупа за мала починка под големите сенки од густите дрвја со зелена мов. Ако имате авантуристички дух, тогаш за вас од левата страна има дрвени скали кои водат до дополнителна патека, која завршува на врвот на ридот и каде можете многу блиску да застанете покрај реката, додека таа се слива надолу. На останатите на располагање им се неколку планински летниковци за излет и мала, невообичаена ужина во природа.
Оние кои со себе сакаат да понесат незаборавно доживување совршено создадено од мајката природа, на располагање им стојат повеќе сместувачки капацитети во градот Струмица, како и тие во непосредна близина на водопадот.
Од општина Ново Село велат дека постојано се работи на подобрување на оваа место со дополнителни пешачки патеки, пристапни патишта, но и со долготрајни понуди за сместување како мотели и ресторани. Овие подобрувања нема да ја нарушат убавината на местото и посетителите се добредојдени преку целата година.
Колешинскиот водопад восхитува во секое годишно време - тој во лето ќе ве освежи, а пак во зима ќе ве зачуди со својата замрзната убавина. Бројот на гости кои секојдневно доаѓаат овде постојано расте. Во просек Колешински водопад дневно ги посетуваат помеѓу 400 – 500 домашни и странски туристи, а за време на викендите ова бројка е двојно поголема и може да достигне некаде до 1.000 посетители.
Неверојатната и велелепна убавина на Колешински водопад може да се почувствува само ако дојдете овде! Затоа, направете една незаборавна викенд авантура во струмичкиот регион и посетете го Колешинскиот водопад.