Кнежински Манастир Св. Ѓорѓија
Кнежинскиот Mанастир претставува манастирски комплекс во областа Копачка, западно од градот Кичево на оддалеченост од 5 км. од градот, во непосредна близина на селото Кнежино. Посветен е на Свети Ѓорѓи Победоносец.
Манастирот се наоѓа на падините на планината Бистра, на надморска височина од над 900 метри. Пределот е богат со вегетација, со букова и дабова шума, притоа некои од дрвјата се со повеќе вековна старост. Манастирот е опкружен со прекрасна природа и тишина и претставува вистинско место за молитвено себепредавање и благоугодно служење на Бога.
Во манастирскиот двор се наоѓаат две чешми низ кои протекува изворска вода, која народот ја смета за лековита. Во непосредна близина на манастирот, по кратко пешачење се доаѓа до уште два извори од кои тече Света и лековита вода. Но, во сушните временски прилики, некои од нив пресушуваат. Трите извори се посветени на Света Среда, Света Петка и Света Недела. Водата се верува дека има исцелителни способности, а студената вода која тече од нив е како мелем за душата. Голем број верници доаѓаат на ова место да си наполнат вода, да вкусат дел од божествената креација од изворот на верата. Водата дава живот, а Светата вода ја поткрепува верата, затоа овој манастир е посветен на Свети Ѓорѓи Победоносец, кој во христијанскиот свет е познат како светител кој ги исцелува болестите, ги заштитува луѓето и стоката, воскреснува покојници, чудотворец.
Кнежинскиот манастир располага со настан кој се случил на необјаснив начин, а притоа е поврзан со манастирот Света Богородица - Пречиста. Во колективната меморија на населението од овој крај, во едно предание кое ја отсликува духовната и религиозната состојба, двата манастира ја преземале улогата на водители еден од друг. Кога Кнежинскиот манастир бил разрушен, Чудотворната Икона од Кнежинскиот Манастир прелетувала во манастирот „Св. Богородица Пречиста“. Кога народот незнаејќи што се случува, ја враќал Иконата повторно во Кнежинскиот Манастир, но истата повторно се враќала на местото кај манастирот Св. Богородица Пречиста. Чудотворната икона и ден денес постои во манастирот Света Богородица Пречиста, каде доаѓаат безброј верници да и се поклонат.
Манастирската црква во основа е ранохристијанска црква со базиликална форма, изградена во 5-6 век од нашата ера со должина од 27-29 м. Ранохристијанската црква била разурната во непознато време. Делови од нејзината камена пластика биле вградувани во обновената црква кон крјот на 11-12 век и во другите објекти на манастирскот комплекс. Во ова време, кичевската област, a со тоа и Кнежинскиот Манастир припаѓале кон Византиското царство, а црквата на Охридската Архиепископија. Манастирскиот комплекс опстојувал во средновековието, до неговото палење, запустување и рушење, во првата половина на XVIII век. Археолошките истражувања на манастирската црква и некрополата (гробишта) биле започнати во 1985 година, но со одреден прекин биле продолжени во 1998 година и траат до денес. Најважни откриените наоди при овие истаржувања се: мозаичниот под во наосот, камената пластика, керамичките плочи, градежни и плочи со натписи, фрескоживописот како и гробната архитектура и прилозите на покојниците.
Фрескоживописот на откриените фрагменти му припаѓа на ранохристијанското сликарство во 5-6 век, на комненовскиот и палеолошкиот период од крајот на 11 и почетокот на 14 век. Фрескоживописот од палеолошкиот период веројатно е дело на познатите сликари Михаило Астрапа и Ефтихиј и потекнуваат од почетокот на 14 век, кога овие области потпаднале под српска власт. Истите сликари се дворски мајстори на српскиот крал Милутин, кои ги сликале неговите задужбини, па оттука, можно е да овие двајца сликари да работеле на оваа црква како подарок на кралот. Од гробните конструкции и прилозите на погребаните покојници во нив може да се види дека некрополата била во долга употреба и може да се насети погребувањето на ктитори и богати поединци (белегзии, копчиња, прстен со гема и друго), како и гробни конструкции во кои се погребувани монаси.
Во народната традиција, во преданијата, Кнежинскиот манастир „Свети Ѓорѓи“ е поврзан и со Китиното Кале – средновековниот град Китава околу кој со тек на времето се развил градот Кичево. Кита во народните преданија била сестра на Крали Марко и живееле во Калето, а погинала бранејќи го Кнежинскиот манастир од Муса Кесеџија.
Манастирскиот комплекс бил запален во првата половина на 18 век. Тогаш, монашкото братство се растурило, а самиот манастир бил препуштен на забот на времето и бил запуштен. Манастирскиот комплекс е вратен во живот во 1973 година, кога жителите од селото Кнежино ја изградиле малата црквичка на западниот дел на старата црква, а во исто време го изградиле и манастирскиот конак. Најновата црква, четврта по ред во манастирскиот комплекс, почнала да се гради во 1999 година, a била осветена на 11 октомври 2007 година. Исто така, конакот бил обновен и проширен, при што црквата и конакот се изградени со донации од народот.
Во текот на 2017 година е осветен и пуштен во употреба новоизградениот репрезентативен манастирски конак кој што претставува едно велелепно здание, а обновата на манастирскиот комплекс продолжува и понатаму.